Македонија

Куманово: Утре состанок за депонијата „Краста“

23.06.2024 13:35

Жителите на трите кумановски села утре со надлежните од општина Куманово ќе се обидат да изнајдат заеднички прифатливо решение за единствената депонија. Ова следи по пожарот кој сè уште е активен на Краста, но и блокадата на камионите на комуналното претпријатие.

Ќе се изнајде ли решение за кумановската депонија Краста. Жителите на Пчиња, Студена Бара и Вакв утре на состанок со првиот човек на Куманово, и директорот на комуналното претпријатие. Барањата остануваат исти. Дислокација на депонијата, која требаше да биде привремена. Сега велат дека се свесни за состојбата и не можат да наложат временски рок. Но потенцираат дека ќе бараат како што било ветено пред неколку години депонијата да се уреди и одржува. Во спротивно протестот велат ќе се радикализира.

„Да се загради, селектира отпадот, досега немаат ништо селектирано, се на куп се фрла и затоа се создаваат гасови и доаѓа до палење на депонијата“, вели Александар Илиевски, претседател м.з с. Пчиња, кумановско.

Депонијата „Краста“ и утринава сè уште чади, иако состојбата е значително подобра. Според решение на инспекторатот поради тежината на пожарот, рокот за справување е седум дена.

Жителите особено се загрижени поради загадувањето на почвата. Нивните култури се наоѓаат на само неколку депонии од самата депонија.

За македонска телевизија пчињани велат дека остануваат загрижени за сопственото здравје.

„Немаше воздух не се дише, многу беше Пчиња, Вакв Студена Бара се беше магла ништо не се гледаше. Не смееш ниту прозорец да отвори, алишта да изнесеш надвор, катастрофа беше“, вели еден жител.

„Треба да се реши не само за ова село туку и за другите околината, тука земјоделството е сè произведува и се носи на зелениот пазар“, нагласува друг.

Од „Чистота и Зеленило“ очекуваат да се изнајде заедничко решение. Нагласуваат дека проектот за регионална депонија за истокот и североистокот која треба да се изгради во Свети Николе ќе се одолжи најверојатно до 2028-та година.

„Процесот на трупање кој започна веднаш по локализацијата на пожарот е скоро завршен. Трупаме сè уште тој процес трае најмалку седум дена, нема опасност од проширување, депонијата очекуваме и утре целосно да биде задушен чадот“, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово, Ненад Стојановски.

Претпријатието успеа да се справи со сметот, по тридневната блокада на жителите, кои забранија влез на камионите во депонијата.

Елена Георгиевска