Голгота за пациентите болни од канцер
За онколошките пациенти дијагностиката и снимањето се голем проблем. За ПЕТ скен чекаат и по две години. Време кое за нив значи живот …

Термин за снимање во ПЕТ Центарот уште една од многуте маки на онколошките пациенти. 70-годишната Верка Каранфиловска вели долго се чека и за ПЕТ скен и за резултатите, а од тоа им зависи натамошниот тек на лекување. Канцерот кај неа метастазирал на повеќе органи, па имала потреба неколку пати да се снима на овој апарат.
Ние не ги закажуваме пациентите, листите со пациенти ги добиваме од клиниките, од онкологија, хематологија. Ги разбираме пациентите тие се борат за живот, исплашени се од дијагнозите што ги имаат и сакаат веднаш да ја добијат услугата. Но, дневно се прават по 13 снимања, а бројот на пациенти е голем и затоа се чека-објаснува за МТВ директорката на ПЕТ Центар, Ана Угринска.
Директорката на Клиниката за онкологија, Виолета Клисарова, вели кога лекарите ќе проценат дека треба, тие го упатуваат пациентот на ПЕТ скен. За снимање се чека околу 4 месеци бидејќи има многу пациенти со канцер, а само еден апарат.
Верка уште во далечната ’92-ра година се соочила со канцер. Таа вели е онколошки пациент повеќе од 30 години и ги знае слабите точки на здравствениот систем, поради кои била принудена во минатото да плаќа за дијагностика во приватните болници или да бара врски во јавното здравство.
Секој миг чекање за болен човек е вечност. Таа апелира до здравствените власти да направат ред во јавното здравство бидејќи сите имаат право на соодветно лекување.
Наташа Јанчиќ-Менковски
