Жестока дебата за новата влада
Пратениците во собраниските клупи-жестока дебата пред гласањето за нов состав на владата. Крајниот рок е денеска на полноќ…

Жестока дебата и многу критики и обвинувања од СДСМ на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Во прилично напната атмосфера продолжи седницата за избор на новиот состав на владата и програмата предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Пратениците од власта и од опозицијата и денеска се надмудруваа кој, колку направил во изминатите години.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, најави дека првите законски предлози на новото владејачко мнозинство ќе бидат за даночни олеснувања и поволности за пензионерите.
Опозицијата критикува дека предложената програма била нереална, но и пофалија дел од решенијата, како оние во даночната сфера, во дигитализацијата, во обновливите извори на енергија, во културата, земјоделството.
Дебатата во Парламентот за изборот на новата влада започна вчера. За таа да биде избрана потребни се 61 глас „за“.
Седницата треба да заврши најдоцна до полноќ што значи дека од утре, 24-ти јуни, новиот премиер и министрите треба да започнат со работа.
Новото парламентарно мнозинство е составено од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и ЗНАМ.
Борис Грујоски
