Јапонски бизнисмени заинтерсирани за инвестиции во Македонија
Над 60 менаџери на јапонски компании, на бизнис – форум во Токио, слушнаа за инвестициските можности во Македонија. Дел од нив најавија посета на земјава...

Ниски трошоци за правање бизнис, атрактивен даночен пакет, млада и образована работна сила. Над 60 менаџери на јапонски компании, на бизнис – форум во Токио, слушнаа за инвестициските можности во Македонија. Дел од нив најавија посета на земјава.
„Во август, јас ќе предводам делегацијата од 10 бизнисмени во Македонија. Ќе престојуваме една недела. Сакам да ги поттикнам бизнис – врските со вашата земја, а многу сме заинтересирани во делот на медицинскиот туризам“, изјави Јуро Нагакава, претседател на Јапонската бизнис-асоцијација.
Дојдете, скенирајте ја бизнис – климата, направете план, проширете ги капацитетите во Европа – им порача премиерот Груевски. Тоа веќе го сторија гиганти како Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Кромберг и Шуберт, низа други компании.
„Многу глобални компании дојдоа во Македонија, почнаа бизнис, изградија капацитети и стартуваа со производство. Најголем дел од нив се од Германија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави. Јас знам дека најголем дел од јапонските компании кои одат во Европа, одат во Германија или во Велика Британија. Еве ви добра информација – многу компании од Германија и од Велика Британија доаѓаат во Македонија. Размислете за ова, и посетете ја Македонија“, нагласи премиерот Никола Груевски.
Од вицепремиерот Ставрески пораката – преку Македонија ви се отвора европскиот пазар.
„Нашата земја можат да ја искористат како порта за влез на европскиот пазар, да го пласираат својот бизнис во Македонија, и оттука да продаваат на пазар, кој преку договорите за слободна трговија, опфаќа 650 милиони потрошувачи“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
На бизнис – форумот присуствуваа менаџери на компании од автомобилскиот сектор, роботиката, хемиската индустрија, енергетиката, но и претставници на инвестициски фондови. Слушнаа за Македонија, атрактивната бизнис – дестинација.
„Многу сум задоволен од она што го чув на бизнис – презентацијата за вашата земја. Мислам дека успеавте да заинтересирате голем дел од присутните овде и да ги убедите да ја посетат Македонија. Со данок на добивка од 10 проценти сте многу компетитивни, а сметам и дека вашата Влада е фокусирана на поттикнување на странските директни инвестиции“, рече Хидејуки Такемура, бизнисмен од Јапонија.
Економскиот дел од владината посета на истокот продолжува со бизнис- форум во Сеул, Јужна Кореја.
Мартин Пушевски
