Свет

Најмалку 15 полицајци убиени во координирани напади во два града во Дагестан

24.06.2024 10:42

Најмалку 15 полицајци биле убиени синоќа кога вооружени напаѓачи отвориле оган врз синагога, православна црква и полициска станица во рускиот севернокавкаски регион Дагестан. Нападот оквалификуван како терористички. Се зголемува и бројот на загинати по украинскиот напад на Севастопол на Крим, што Русија го анектираше во 2014-та.

Руските власти работат на утврдување на идентитетот и мотивите по координираните напади во два града во Дагестан, на Северен Кавказ. Повеќе од 15 лица, меѓу кои полицајци и еден свештеник загинаа за време на борбите во синагога, православна црква и полициска станица. Над 25 луѓе се повредени. Се верува дека милитантите се поддржувачи на меѓународни терористички организации. Освен во Дагестан, пукање имало и на границата на Абхазија и Руската Федерација.

„Завршена е активната фаза на оперативните борбени мерки во градовите Махачкала и Дербент. Продолжуваат оперативните претреси и истражни мерки сè додека не се идентификуваат сите членови на овие ќелии кои секако беа подготвени, вклучително и од странство“, изјави Сергеј Меликов, гувернер на регионот Дагестан.

Ден на жалост на полуостровот Крим анектиран од Русија, по нападот со беспилотни летала врз Севастопол, во кој најмалку пет лица загинаа, а околу 120 беа повредени. Руското Министерство за одбрана ги обвини САД за испораката на оружјето со кое дејствува Киев.

„Главното одделение на Рускиот истражен комитет отвори кривично дело во врска со нападот од украинските вооружени сили врз градот Севастопол. Се утврдуваат околностите на инцидентот и лицата вклучени во терористичкиот напад. Нивните постапки ќе добијат правна оценка“, изјави Светлана Петренко, портпарол на рускиот истражен комитет.

„Како резултат на, апсолутно, терористички напад на режимот во Киев со касетна муниција од американско производство на градот Севастопол, за време на одмор, кога луѓето се релаксираа на плажата имаме 124 повредени. Од нив загинаа три деца и двајца возрасни“, изјави Михаил Развозаев, гувернер на Севастопол.

Од Украина нема коментар за нападите, но шефот на разузнавањето вели дека Русија нема да ги почувствува последиците од војната сè додека борбите се локализирани и дека конфликтот мора да се префрли на руска територија.

 

Маријана Димовска