Политика

Прв работен ден на новата влада

24.06.2024 13:11

Изутрина дел од новите министри ги презедоа своите функции. Попладне веќе се очекува и првата седница на новата влада…

Македонија има нова влада, а Христијан Мицкоски е новиот македонски премиер, откако во Владата, техничкиот премиер Талат Џафери му ја предаде премиерската функција.

Освен за премиерската, церемонии за примопредавање на функциите одржани и во останатите министерства, меѓу досегашните технички и новоизбраните министри.

Нов македонски министер за одбрана е Владо Мисајловски. „Да живее македонската Армија и да живее Македонија“, порача новиот министер Мисајловски на церемонијата за примопредавањето. „Чест ми е што во наредниот период ќе го раководам ова министерството, а уште поголема е и обврската кои вработените и хероите кои се грижат за нашата и за безбедноста на Македонија“, истакна Мисајловски.

Досегашниот заемник министер за одбрана, пак, Тирон Јајга на Мисајловски му го честиташе изборот, посакувајќи му успех во исполнувањето на функцијата.

Прв човек во Министерството за внатрешни работи е Панче Тошковски, кој ја извршуваше истата функција и во рамките на техничката влада.

Министер за надворешни работи и надворешна трговија е Тимчо Муцунски, кој првиот работен ден како министер го минува во Луксембург, на состанок меѓу шефовите на дипломатиите на Европската унија и земјите од Западен Балкан. На чело на Министерството за финансии застанува Гордана Димитриеска – Кочоска. Новото Министерство за енергетика, рударство и минерални ресурси ќе го предводи Сања Божиновска. Прв човек на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски. Министер за транспорт е Александар Николовски. На чело на Министерството за локална самоуправа застанува Златко Перински. Министерката за образование и наука пак, е Весна Јаневска. Прв човек во Министерството за култура и туризам е Зоран Љутков. На чело на новото Министерство за дигитална трансформација застанува Стефан Андоновски. А Борко Ристовски пак, ќе биде првиот македонски министер за спорт. Горан Минчев од движењето „За наша Македонија“ е новиот министер за јавна администрација, а од редовите на ЗНАМ е и првиот човек на Министерството за правда, Игор Филков.

На чело на Министерството за здравство застанува Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“. Изет Меџити, од истата коалиција, е новиот вицепремиер и министер за екологија. Од редовите на „Вреди“ е и новиот министер за економија и труд, Бесар Дурмиши, како и министерот за европски прашања Орхан Муртезани и за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Министер за односи меѓу заедниците е лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ. Претседателот на социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски е вицепремиер за политички систем, Шабан Салиу од „Ромски демократски сили“ е новиот вицепремиер за интеграција и имплементација на „Декадата на Ромите“ и министер без ресор, а вицепремиер за политики и добро владеење и министер без ресор ќе биде Арбен Фетаи.

Македонското собрание со 77 гласа „за“ и 22 „против“ ја избра новата, дваесетта по ред влада, по победата на ВМРО – ДПМНЕ на последните парламентарни избори.

 

Марија Котовска