Реакции за новата влада

Герапетритис: Се крши договорот од Преспа

24.06.2024 13:10

Премиерот Мицкоски, синоќа заклетвата ја кажа со уставното име. Во Собранието седницата ја следеа и грчки медиуми, но сепак, шефот на грчката дипломатијата реагира, зошто државата и политичкото раководство не користи „Северна“ за домашна употреба.

Одлуката на новото македонско раководство да не го користи за домашна употребна уставното име е флагрантно кршење на договорот од Преспа, изјави шефот на грчката дипломатија Герапетирис од Луксембург, каде што се одржува Самитот на министрите за надворешни од Европската унија.

Говорејќи за пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, особено се осврна кон евроинтегративниот пат на земјава. За него, членството во унијата на земјава е незамисливо без почитување на меѓународното право и меѓународните договори. За пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, Герапетритис рече дека Грција отсекогаш е движечка сила во евроинтегративниот пат и дека тоа е заеднички интерес и на Европа и на земјите од Западен Балкан.

„Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избраа да не го користат уставното име – Северна Македонија на домашната сцена. Тоа е флагрантно кршење на Преспанскиот договор кој предвидува името на државата да биде едно и единствено за севкупна употреба и тоа е Северна Македонија. Мора да разбереме дека меѓународниот закон е основа на светскиот мир и безбедност во кој не постои процес во кој го избираш она што ти се допаѓа, а што не за членство во Европската унија“, изјави шефот на грчката дипломатијата.

Изборот на новата влада предводена од мандатарот Мицкоски помина и под будното око и на грчките медиуми. Акцентот ставен на заклетвата и тоа кое име македонскиот премиер го користеше во обраќањето пред Собранието и во заклетвата.

„Новата влада положи заклетва под уставното име“, „Мицкоски го карактеризираше како срамен терминот „северна“ во уставното име“, „Владата на Мицкоски доби доверба – заклетвата со уставното име на земјата“ – се дел од насловите во грчките медиуми. Грчки новинари беа присутни и во македонското Собрание за време на седницата за избор на новата влада на Мицкоски.

 

Маја Стојанова