Куманово

Дислокација на кумановската депонија нема да има, но има барања

24.06.2024 14:26

Кумановската депонија нема да се дислоцира, бидејќи општината нема капацитет за такво нешто. Но, надлежните усвоија дел од барањата на жителите од трите села. Ќе се уредува самата депонија. Доколку не се исполни договореното, мештаните повторно ќе го блокираат влезот. Решението е да почне изградбата на фабриката во Свети Николе...

Уредување и постојано одржување на кумановската депонија е договорот по состанокот на жителите на трите села со надлежните од општината и комуналното претпријатие. Работна група ќе ги утврдува мерките, а општината презеде одговорност да продолжи посипувањето земја, за да се избегнат дополнителни опожарување периодов. Ќе се направи и акција за чистење на патот кон Пчиња, но и ќе се пошумува депонијата.

„Општина Куманово на следната седница на Советот ќе побара во ребалансот да стави средства за изградба на дополнителна ограда на депонијата и видеонадзор и систем за вода, би се користел во случај на опожарување“, истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Жителите на Пчиња, Студена бара и Вак’в се задоволни од постигнатиот договор и прифатени барања. Барањето за дислокација останува, но тие се свесни дека општината нема капацитет за такво нешто.

„Во случај да не се исполнат барањата ќе бидеме принудени повторно да ја активираме блокадата. Се надеваме дека до тоа нема да дојде, тоа не се големи средства, со ребалансот ќе може да се направи а ќе биде добро и за самото функционирање на депонијата но и за населението“, истакна Дејан Трендевски, жител на с. Пчиња, кумановско.

Од општината се надеваат и дека ќе се одблокира проектот за регионална депонија, кој запре во министерството за животна средина. Градоначалникот вети дека на првата средба со новиот министер ќе се заложи за ова прашање. Со изградбата на фабриката во Свети Николе, депонијата во Куманово согласно планот треба да биде трансфер станица, уредена по европски стандарди. По пожарот кој ја зафати депонијата, жителите револтирани три дена го блокираа изнесувањето на сметот од Куманово.

 

Елена Георгиевска