Македонија

Намален бројот на мигранти, мал е бројот на бегалци во кампот кај Гевгелија

24.06.2024 15:55

За 50 отсто е намален бројот на мигранти во земјава за првите пет месеци од годинава во однос на лани. Во кампот во Гевгелија сместени се 19 лица. Граѓанскиот сектор смета дека како држава овозможуваме доволни услови за бегалците…

Се намалува бројот на мигранти. За првите пет месеци речиси за 50 отсто се намалени илегалните преминувања на македонско-грчката граница од каде има најголем број бегалци во земјава. Бројката континуирано се намалува последниве години, а мал е бројот и на бегалци во кампот „Винојуг“ кај Гевгелија, каде лицата добиваат престој, социјална и здравствена заштита.

Македонија со своите капацитети значително ги има подобрено условите за лицата кои имаат статус на бегалци во земјава. Ленче Здравкин, граѓански активист од Велес тврди дека двата кампа нудат соодветни услови за лицата кои од кои било причини се затекнале во земјава.

Иако бројката на мигранти во земјава се намалува, бројката на криумчари е константна. Лани за првите пет месеци биле откриени 16 криумчари, додека годинава 15.

Граничната полиција во целост е подготвена за справување со сите можни сценарија на евентуален мигрантски притисок, но и во поглед на откривање на криумчарите, соопштија од МВР.

Ване Трајков