Првата владина седница до крајот на неделата, во фокусот Закон за линеарно зголемување на пензиите
„Мора да имаме полетен и брз старт, за да докажеме дека сè она што го најавивме, ќе биде и на дело применето“, порача премиерот Мицкоски од Штип. Истакна дека доизградбата на штипската и кичевската болница се врвни приоритети на владата. Најави голема инвестиција во енергетиката и Закон за линеарно зголемување на пензиите…

Енергетското портфолио на државата наскоро ќе биде збогатено со ветерен парк лоциран помеѓу општините Штип, Карбинци и Радовиш. Овде ќе се произведува електрична енергија која ќе го подобри нашиот енергетски капацитет и за околу 100 милиони евра годишно ќе го зголемува бруто домашниот производ, изјави премиерот Мицкоски во Штип.
До крајот на неделата владата ќе ја одржи првата седница, на која меѓу другото во фокусот ќе биде линеарното зголемување на пензиите.
Премиерот во Штип го одбележа стартот на неколку инфраструктурни проекти и најави продолжување на изградбата на новата клиничка болница која започна да се гради пред осум години. Тендерот за доизградба наскоро ќе биде распишан, а за околу три месеци се најавува продолжување на градежните работи. Мицкоски истакна дека штипската и кичевската болница имаат приоритет во владината програма.
Славица Величковска
