Македонија

Се санираат штетите по невремето во Тетово и Скопје

24.06.2024 16:48

Од Центарот за управување со кризи велат дека силниот дожд и градот предизвикаа и кршење на кровни конструкции и оштетени возила...

Блокирани улици, автомобили со искршени стакла, поплавени подруми, уништени дрвја и земјоделски поседи. Повеќе од 2.700 повици на телефонскиот број 112 за пријави на штети од невремето. Се санираат штетите, најмногу беа регистрирани во Скопје и во Тетово.

Од Центарот за управување со кризи велат дека силниот дожд и градот предизвикаа и кршење на кровни конструкции и оштетени возила.

За среќа нема човечки загуби или сериозни повреди, велат од Општина Тетово. Вчера Противпожарната служба побара исклучување на електричната енергија во градот, за да не се случи струен удар.

„Конкретно, интервениравме на 43 објекти и на некои критични точки каде имаше големи акумулации на вода, со кои градската канализација не можеше да се справи и покрај тоа што овие канализации беа исчистени. Нашата единица интервенираше и во други општини кои гравитираат во низините на Полог“, велат од Општина Тетово.

Од општината велат дека големи штети има на земјоделските култури. Ќе се чека ресорното министерство, дали ќе се обесштетат сите земјоделци.

Ана Јосифоска-Тодоровска