Груевски- Абе: Нов политички моментум во соработката меѓу Македонија и Јапонија

01.07.2014 13:52

Унапредување на билатералната политичка соработка меѓу Македонија и Јапонија, која ќе резултира и со нови економски проекти. Во Токио, премиерот Никола Груевски и неговиот домаќин Шинзо Абе ги одредија приоритетните можности на јапонско-македонската соработка...

Иако симболична, размената на дресови на националните фудбалски тимови меѓу македонскиот и јапонскиот премиер, го означи новиот политички моментум во соработката меѓу Токио и Скопје.  Јапонија е влијателна земја во меѓународните институции, вклучувајќи ги Обединетите Нации, групата седум најбогати, но е и носител на интересите на сојузниците од западниот свет, релевантно за македонските евроатлантски аспирации, предочил на средбата македонскиот премиер.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе оценил дека Македонија е клучна за стабилноста на Западниот Балкан, којшто е порта на Европа, јавува националниот јапонски сервис. Во таква констелација, Никола Груевски и Шинзо Абе разговарале за склучување билатерални договори за одбегнување на двојното оданочување, но и за заштитата на инвестициите.

„Разговаравме и за другите видови соработка, во областа на образованието каде што Јапонија го зголемува бројот на стипендии за студентите од Македонија и за секаков друг вид соработка во областа на културата, во областа на економијата каде што најмногу се задржавме, така што можам да кажам дека средбата беше одлична и продуктивна и се надевам дека сите овие наши напори да привлечеме повеќе компании во Македонија ќе вродат со плод“, истакна премиерот Груевски по средбата.

Јапонскиот бизнис сектор е охрабрен од поволностите за инвестирање што преку економските реформи ги нуди нашата земја, оценил јапонскиот премиер. Еден од мостовите е јапонската агенција за меѓународна соработка, која се вклучува во довршувањето на колекторскиот систем на Охридското Езеро. Постојат и можности во унапредувањето и приближувањето на културите на двете земји, заклучиле двајцата премиери во Токио.

Македонија и Јапонија годинава одбележуваат две декади од воспоставувањето дипломатски односи, во март 1994-та. По 20 години, ова е прва директна средба на премиери на двете држави.

 

Зоран Богатинов