Израел ја почна одмаздата против Хамас
Премиерот Нетанјаху ги обвини палестинските милитанти за трикратното убиство на израелските тинејџери...

Само неколку часа по откривањето на телата на исчезнатите израелски тинејџери, војската изврши напад врз домот на Абу Аишеш на Западниот брег, еден од осомничените за убиствата. Телата на Нафтали Френкел, Гилад Шаари и Ејал Јифрах биле најдени под карпи во близина на Халхул. Според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, виновни се милитантите од Хамас. Хамас, пак, тврди дека Израел го користи овој случај за да ја оправда војната против Палестинците.
„Со ова се потврдува дека нема никакви промени во терористичката организација Хамас. Последниот случај е доказ дека продолжуваат бруталните убиства на невини деца“, смета Марк Регев, портпарол на владата на Израел.
Претставник на армијата соопшти дека тројцата тинејџери кои исчезнаа на 12 јуни биле најдени мртви. Причините за смртта се непознати.
„Армијата и локалните патроли организираат голема акција во областа каде што ги најдовме телата. За нас мисијата нема да заврши додека не ги најдеме убијците“, рече Ницан Алон, главен командант на ИДФ.
Американскиот претседател Барак Обама го осуди ликвидирањето на цивили и повика на воздржаност. Според генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, убиствата се организирани од „непријателите на мирот“. Во меѓувреме, армијата извршила и над 30 воздушни напади во појасот Газа како одговор на 18-те ракетни напади врз јужниот дел од Израел.
