Прва група на деца од социјално ранливи категории заминаа на бесплатен одмор

01.07.2014 14:35

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов ги испрати дечињата на одмор и посочи дека преку овој проект им се помогна на родителите кои се во потешка состојба...

Првата група на деца од социјално раниливите категории кои ќе ја користат бесплатната услуга за одмор и рекреација денеска заминаа за Струга. До крајот на август на секои седум дена ќе се испраќаат нови групи деца, а во текот на летово ова право ќе го искористат 2.000 деца.
 
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов ги испрати дечињата на одмор и посочи дека преку овој проект им се помогна на родителите кои се во потешка состојба. Особено е важно дека на децата од социјално ранливи категории, деца без родители и родителска грижа, деца со пречки во развојот им се овозможува бесплатен летен одмор, незаборавни денови со радост и смеа, исполнети со најразлични културни, едукативни и забавни  содржини и активности.
 
За дечињата таму оваа година ќе се грижат 50 волонтери. Генералниот секретар на Црвен крст на град Скопје, Сузе Паунова, истакна дека станува збор за волонтери од различни возрасни групи кои ќе се грижат за децата и ќе го организираат нивниот културно-забавен живот.
 
За целиот овој проект Министерството за труд и социјална политика издвојува по 12 милиони денари на годишно ниво.