Македонија

ПССЕ со серија предлози за подобрување на изборниот процес во Македонија

25.06.2024 11:47

На летната сесија на Парламентарното собрание на советот на Европа, се разгледа извештајот на швајцарскиот парламентарец Алфред Хеер, кој ја предводеше набљудувачката мисија на ПССЕ на претседателските и парламентарните избори во Македонија...

Во извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа долг 29 страници, и покрај позитивните оценки, сепак e истакнато дека изборниот процес и понатаму е недоволно регулиран. Широкото плуралистичко медиумско покривање на кампањата им даде на гласачите можност да направат информиран избор, но негативната реторика и националистичките слогани го нарушија инаку стабилниот предизборен период. Со забележителен исклучок на една жена кандидат во вториот круг од претседателските избори, која на крајот победи на изборите), бројот на политичарки кои учествуваа во кампањите беше севкупно многу низок, жали известувачот. Транспарентноста и отчетноста во однос на финансирањето на кампањата се нарушени поради минималните барања за финансиско известување и намалениот капацитет на надзорните тела, особено во однос на злоупотребата на административните ресурси.

Известувачот, жвајцарецот Алфред Хеер, за МРТ вели, има работи кои можат да бидат подобрени, како учеството на изборите на Македонците кои живеат во странство, потоа регистрацијата на избирачите, но самите избори се одржаа добро.

Имплементација на препораките од Венецијанската комисија и ОДИХР 

Врз основа на набљудувањето на изборите, ПССЕ особено ги охрабрува властите на Северна Македонија да се имплементираат сите препораки дадени од Венецијанската комисија и ОДИХР, вклучително и оние кои имаат за цел систематско ревидирање на Изборниот законик, потоа да се отстрани условот за излезност од 40% за вториот круг од претседателските избори со цел да се избегне ризикот од повторување на неуспешните изборни циклуси. Понатаму, да се ублажат критериумите за живеалиште на кандидатите на претседателските избори; да се отстрани обврската за објавување на етничката припадност за да се регистрира како кандидат на законодавните избори, потоа да преземат мерки за подобрување на организацијата на гласањето во странство.

ПССЕ препорачува властите на Северна Македонија да покажат силна и искрена политичка волја да ги отстранат сите недостатоци и проблеми забележани за време на набљудувањето на овие избори и притоа Собранието е подготвено да го даде својот придонес во спроведувањето на овој процес во рамките на пост-мониторинг процедурата и во тесна соработка со Венецијанската комисија.

ПССЕ изрази пофалба за јавниот радиодифузен сервис, Македонската радио телевизија, која ги покриваше главните кандидати на законодавните и претседателските избори согласно формулата за доделување време за говор на политичките партии за време на изборите, што сепак ги фаворизира најголемите парламентарни партии.

Приватните медиуми презентираа соодветни информации за сите кандидати во целина, а некои канали фаворизираа конкретни листи на кандидати.

 

Тони Гламчевски