Централната банка ќе добие име како најголемите банки во светот

01.07.2014 15:14

Новите цени на струјата нема да притискаат врз инфлацијата, ги има во проекциите на Народната банка. Централната банка ќе добие име како најголемите банки во светот, Банка на Република Македонија. Ќе се менуваат и банкнотите заради промената на уставното име на оваа монетарна институција. Процес што ќе трае, вели гувернерот Богов...

Со промена на името на Централната банка ќе се менува и изгледот на парите. Наместо  називот „Народна банка“ ќе стои „Банка на Република Македонија“. Процесот ќе се одвива етапно, ќе почне од новите банкноти, старите ќе бидат во оптек.

„Ние нема веднаш да ги повлечеме сегашните пари, ќе бидат во употреба додека не се излитат, новите ќе бидат со новотот име на банката , Банка на Репубилка Македонија“, вели гувернерот Димитар Богов.

Новите фискални правила со кои уставно се ограничува нивото на јавниот долг до 60 насто и лимитот на буџетскиот минус до 3 проценти од БДП, ќе воведат дисциплина, да не се претерува во даночењето, ниту во трошењето повеќе од зацртаното или планираното. Ограничувањата се дел од Мастришките критериуми на Европската Унија, уставно зацртани кај многу земји членки.

„Тоа е современ тренд што се воведе во многу земји, сепак од аспект на монетарната политика е позитивно да имаме поголема транспарентност и предвидливост на фискалната политика што е позитивно за нас“, потврдува гувернерот Богов.

Поскапувањето на струјата – нема да притиска врз инфлацијата, според гувернерот Богов овој пораст Централната банка го предвидела во проекциите на стапката која во првите пет месеци е ниска, близу нулата и нема да претрпе промени со новата ценовна политика.

Сузана Фиданска - Стоевска