ДЗР: Слабости во реализацијата на капиталните инвестиции
Отсуството на систем за управување со јавните инвестиции и непреземањето на корективни мерки предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните, заклучил Државниот завод за ревизија во најновиот извештај...

Отсуството на систем за управување со јавните инвестиции и непреземањето на корективни мерки предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните, заклучил Државниот завод за ревизија во најновиот извештај кој се однесува на реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот, ЕУ фондовите и други меѓународни финансиски институции како и од парите на општините.
Во извештајот се ревидирани проекти од областите на животната средина, транспортот, здравството, водостопанството. Ревизорите констатирале дека не постои единствена база на проекти од која може да се видат јавни инвестиции и стратешки проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начинот на финансирање, видот на градба и други податоци и информации кои би служеле за процени и анализи за потребите на државата.
„Од 24 ревидирани проекти со вредност од 3.950 милијарди евра, за 19 проекти склучени се договори за градба со вредност од 2.744 милијарди евра, а за пет проекти иако подготовките се започнати пред повеќе години сè уште нема склучено договори за градба. За 19 проекти во вкупна вредност од 2.744 милијарди евра, реализирани се 941,8 милиони евра, а од нив само еден проект од ревидираните е завршен. Од 19 проекти за кои се склучени договори, за шест има застој. За четири проекти раскинати се договорите, од кои за три има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, и за два проекти постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не склучени нови анекси кон постојните договори за градба“, наведуваат од ДЗР во извештајот.
