Мартин Шулц е повторно избран за претседател на Европскиот Парламент

01.07.2014 15:25

Неговиот избор беше можен по склучениот договор меѓу Европските народни партии, социјалистите и демократите и либералите, откако истите го истакнаа Жан-Клод Јункер како кандидат за претседател на Европската Комисија...

Германскиот социјал- демократ Мартин Шулц повторно беше избран за претседател на Европскиот парламент, кој денес ја оддржа конститутивната сесија на новиот состав на европратеници, во кој гласот на евроскептиците ќе биде многу поприсутен.

За кандидатот на европските социјалисти и демократи, Мартин Шулц гласаа 409 европратеници од вкупно 723 колку што зедоа учество во денешното гласање.

Неговиот избор беше можен по склучениот договор меѓу Европските народни партии, социјалистите и демократите и либералите, откако истите го истакнаа Жан-Клод Јункер како кандидат за претседател на Европската Комисија.

„Претставува чест и голема одговорност да се биде гласот на Парламентот и на граѓаните на ЕУ. Ние ќе продолжиме да го зацврстуваме интересот на сите“, беа првите зборови на Мартин Шулц по изборот.

Ова е втор мандат на 58 годишниот Мартин Шулц кој ќе трае 2,5 години.

За кандиадатката на Зелените Улрике Луначек гласаа 51 европратеник. Кандидатот на групата на радикалната левица, Пабло Иглесиас исто така 51 и за Сајад Карим, кандидат на европските реформатори и конзервативци 101. Притоа 111 европратеници биле воздржани или не го дале својот глас.

Големата коалиција на трите покитички групи, беше изнудена со оглед дека проевропските сили во ЕП се ослабени. Евроскептиците бројат 170 европратеници, кои се поделени во две групи, а некои не се ни членови на групи со оглед дека Националниот Фронт од Франција не успеа да создаде своја група.

Мартин Шулц ги предупреди  еврофобите: Тие кои не ги почитуваат правилата на взаемно почитување и човечката достојност ќе ме најдат наспроти нив.

Новоизбраниот состав на ЕП е многу евроскептичен, тоа сигурно ќе се одрази и на проширувањето на Европската Унија.

Тони Гламчевски