Руско - украински конфликт

Додека руската офанзива се интензивира, ЕУ почна преговори со Молдавија и Украина

26.06.2024 10:45

На две одвоени меѓувладини конференции во Луксембург, Европската унија почна преговори за членство со Молдавија и Украина. Киев и Москва објавија дека размениле по 90 воени затвореници со посредство на Обединетите Арапски Емирати. Жестоки битки се водат во неколку правци...

На две одвоени меѓувладини конференции во Луксембург, Европската унија почна преговори за членство со Молдавија и Украина. Двете земји станаа кандидатки кратко по руската инвазија во февруари 2022-ра година. Брисел ја повтори осудата на руската војна и рече дека ќе продолжи да ги поддржува Украина и нејзиниот народ сè додека е потребно.

„Заедно, можеме да изградиме посилна, побезбедна и просперитетна Европа за сите. Знаеме дека имаме многу работа пред нас“, рече Хаџа Лахбиб, министер за надворешни работи на Белгија.

„Не заборавајте дека ова не е прашање за Европската унија да дава рокови за тоа кога некој може да се приклучи, тоа во голема мера зависи од перформансите на земјата“, порача еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.

Киев и Москва објавија дека размениле по 90 воени затвореници со посредство на Обединетите Арапски Емирати. Во меѓувреме, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на поранешниот министер за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу и генералот Валериј Герасимов за напад врз цивилни цели во Украина.

„Има нови потерници од Меѓународниот кривичен суд за руските убијци. Шојгу, Герасимов – вашиот пат до Хаг е отворен. Има и одлука на Европскиот суд за човекови права за одговорноста на Русија за сè што е сторено на нашиот Крим против луѓето и против законот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Украинските власти тврдат дека се интензивира руската офанзива. Жестоки битки се водат во неколку правци. Руските пак, обвинуваат дека Киев работи со оружје за масовно уништување.

„За време на специјалната воена операција, беа набавени документи на Генералниот директорат за истраги на Украинската служба за безбедност кои го потврдуваат интересот на режимот во Киев за продолжување на работата со оружје за масовно уништување“, изјави Генерал-полковник Игор Кирилов, началник на руските трупи за радијација, хемиска и биолошка заштита.

Првпат по повеќе од една година, разговараа шефот на Пентагон и рускиот министер за одбрана. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и рускиот колега Андреј Белоусов дискутирале за важноста на отворените линии на комуникација. Руското Министерство за одбрана соопшти дека Белоусов го предупредил Остин за опасностите од континуираната испорака на американско оружје за Украина.

 

Маријана Димовска