Бугарија е против повторно преговарање за преговарачката рамка
Софија е против повторно преговарање за францускиот предлог. Бара целосно почитување на потпишаното. Од Софија директна закана до новата влада-без нашата и поддршката на Грција, Македонија нема шанси за Европската унија. Премиерот Мицкоски вели, договорите ќе се почитуваат, но потсетува дека тоа е двонасочна улица.

Софија е против повторно преговарање за францускиот предлог. Претседателот Радев очекува итни, конкретни дејствија и од Владата и од европските институции за почитување на принципите и нормите во процесот на проширување. Конечно паднаа маските. Новата влада кај нашиот југозападен сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го признае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарско“ во Република Северна Македонија, вели Радев.
„Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки на ЕУ“, против меѓународните обврски преземени од Република Северна Македонија и против сопствените граѓани, кои јасно се изјаснија за поддршка за европскиот развој на земјата“, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев.
По ставот на премиерот Мицкоски дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктат, со реакција се огласи и лидерот на ГЕРБ и победник на изборите во Бугарија, Бојко Борисов. Вели дека и покрај добрите односи меѓу него и партнерите во ЕУ, договорите мора да се почитуваат, додавајќи дека какви било поинакви толкувања не се добри за колегите од Северна Македонија. Борисов нагласи дека доколку формира Влада, ќе иницира средба со Мицкоски.
„Без нашата и поддршката на Грција, РСМ нема шанси за ЕУ. Сега нека бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега не можат да сметаат на истата“, порача Борисов.
Ваквите пораки од источниот сосед се анахрони, реагираше премиерот Мицкоски. Подготвен е да разговара со Борисов ако формира Влада. Премиерот е за почитување на договорите, но вели тоа е двонасочна улица.
По изборот на новата претседателка и Владата, Брисел со предупредување - договорот од Преспа мора да се почитува и измените во Уставот, со кои се предвидува вклучување на Бугарите, се неопходни за земјата да продолжи на патот кон Европската унија.
Милчо Велески
