Субспецијализација во Кембриџ за хирурзи од Македонија

01.07.2014 16:25

Тројца хирурзи од земјава ќе одат на субспецијализација за трансплантација на бубрег и црн дроб на универзитетот во Кембриџ. До крајот на годината ќе замине првиот доктор. По две години, знаењата кои што ќе ги добијат таму ќе ги искористат за отпочнување на трансплантации кои што не се прават во земјва...

На универзитетот во Кембриџ годишно се извршуваат над 190 бубрежни трансплантации, 90 на црн дроб, 40 на панкреас и тенко црево- во овој центар на субспецијализација ќе одат македонските хирурзи. Знаењата и искуствата ќе ги пренесат на своите колеги.

„Се надевам дека нашите доктори кои ќе ја добијат оваа можност ќе ги оправдаат очекувањата, ќе се едуцираат на најдобар можен начин, а знаењата кои ќе ги стекнат таму потоа ќе ги искористат за отпочнување на трансплантации кои сега не се вршат во Македонија“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Кандидатот за субспецијализација на овој елитен светски универзитет треба да е хирург специјалист, да има силна мотивација и добри квалификации.  

„Од сите пет кандидати кои ги видовме има потенцијал да одбереме тројца. За многу брзо време ќе може да почне официјалната подготовка со организацијата, документацијата за нивното регистрирање и очекуваме првиот кандидат да започне во наредните три до шест месеци“, рече д-р Гавин Петитгру, специјалист по абдоменална трансплантација на Универзитетот во Кембриџ. 

Координаторот за развој на кадаверична трансплантација во центарот, Ѓорѓимајкоска вели дека работата е напорна, но искуството е драгоцено. 

„Тоа е организиран систем каде многу труд и работа е награден на крајот. Задоволна сум со моето искуство во Кембриџ“, нагласи Оливера Ѓорѓимајкоска, клинички научник за трансплантација на органи и координатор за развој на кадаверична трансплантација.

Целосната специјализација ја финансира Кембриџ.

 

Андријана Атанасовска