Белгија или САД, последната четвртфинална битка
Во минатото овие две селекции имаат само еден мундијалски дуел, и тоа првиот во историјата на шампионатите во далечната 1930 година, кога САД славеле со 3 : 0 на патот до бронзениот медал...

Последниот патник во четвртфиналето на СП ќе го дознаеме по мечот меѓу Белгија и САД, кои до нокаут фазата дојдоа по различни патишта. Од една страна Белгијците доминираа во “Х“ групата со три минимални победи над Алжир, Русија и Јужна Кореа и завршија со максимални 9 бода, со 4 постигнати и само со еден примен гол. Од друга се Американците со бурните настапи во “Г“ групата низ амазонската прашума и тропскиот североисточен брег на Бразил. Почнаа со победа над Гана, продолжија со реми против Португалија и завршија со пораз од Германија, кој не се рефлектира врз пласманот. На крајот еквивалентната гол разлика беше решавачка за прогрес пред Португалците, што беше крај на мундијалските сништа за Роналдо и дружината.
Сега сме во сосема друга позиција во однос на она што беше пред турнирот, кога американските медиуми го критикуваа Клинсман затоа што бил “типичен неамериканец“ поради малата доза на оптимизам. Светскиот шампион од 1990 година вели дека самодовербата е на високо ниво, дека неговите фудбалери знаат да се соочат со предизвикоти дека имаат реална основа да се радуваат. Оптимизмот оди дотаму што германскиот стручњак на селекторската клупа им порача на играчите и на нивните семејства да ги сменат авионските резервации за 14 или 15 јули, со верба дека може да играат во финалето. Дополнителен импулс е опоравениот Алтидор, кој се очекува да го засили нападот покрај капитенот Демпси. Сосема спротивно е кај “црвените ѓаволи“ кои се соочуваат со повредени или ровити играчи во задната линија. Компани и Вермален се опоравуваат по повредите во третото коло, а Ванден Боре и Симен се од претходно во аут, додека во средината ќе паузира казнетиот Дефур. Без оглед на тоа, селекторот Вилмотс најавува дека нивната форма оди во нагорна линија и спокојно влегуваат во вечерашниот дуел, а самодовербата е на највисоко ниво по трите победи, нешто што Белгија никогаш не го остварила во групната фаза. Дури 17 мина од “ростерот“ не биле родени кога Белгија последен пат се пласира меѓу 8 најдобри на СП. Огромен предизвик за Куртоа, Азар, Фелаини, Де Брун за да го достигнат успехот на претходницитево Мексико 1986 година кои на крајот беа четврти.
Во минатото овие две селекции имаат само еден мундијалски дуел, и тоа првиот во историјата на шампионатите во далечната 1930 година, кога САД славеле со 3 : 0 на патот до бронзениот медал. Оттогаш Белгија има четири победи во исто толку пријателски натпервари, последната минатата година во Кливленд со 4 : 2 со двата гола на Бентеке, Миралас и Фелаини, а за Американците погодија Камерон и Демпси. Белгија или САД, претенденти за последното слободно место во четвртфиналето на С П во Бразил по 90, можеби 120 минути, или евентуални пенали.
