ФИЛМ

Кинотека го посветува месец јули на домашната кинематографија

27.06.2024 11:54

Во месец јули во Кинотеката на Македонија, во летното кино „Мирно лето“ ќе се прикажуваат постари и понови филмски остварувања од нашата национална кинематографија...

Во месец јули во Кинотеката на Македонија, во летното кино „Мирно лето“ ќе се прикажуваат постари и понови филмски остварувања од нашата национална кинематографија. Почетокот на месецот е посветен на постарите наслови, средината на современите домашни остварувања и филмовите од фестивалот „Синедејс“, а крајот на јули на филмови за земјотресот, информираат од Кинотека.

Ќе се прикаже и филмот „Жед“, легендарниот наш филмски и театарски режисер, Димитрие Османли. Тоа е втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“, „Волчја ноќ“, во режија на Франце Штиглиц и според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски. 

Во рамките на месечната понуда, на летната кино сцена „Мирно лето“, ќе се прикажат и квалитетните современи остварувања како фестивалскиот миленик „Исцелител“, „Домаќинство за почетници“, „Ругање со Христа“, „Бал-кан-кан“ и „Скопје ремикс.

Средината на овој месец е резервирана за содржините селектирани од филмскиот фестивал „Синедејс“. Репертоарската понуда се заокружува со прикажувањето на филмските материјали кои се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963-та, како и со промоцијата на Македониум: Драматургија на недовршеното“. Колаборативен филм на режисерката Теона Стругар - Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, работен врз основа на истоимената книгата на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за меморијален комплекс „Македониум“.

Според нив, токму оваа месечна понуда на Кинотека покажува дека нашата кинематографија и тоа како има значајни дела, наслови кои предизвикуваат своевиден земјотрес, на емоции, на впечатоци.

„Пред сè, тие претставуваат извор на инспирација за помладите, а благопријатен флешбек за постарите кино-проследувачи“, додаваат од Кинотека.

Дополнително, на 30 и 31 јули од 20 и 30 часот ќе се прикажува филмот „Медената ноќ“ од режисерот Иво Трајков.