Судство

Повторно одложено судењето за родилката од Дебар

27.06.2024 19:15

Судењето со родилката од Дебар, која остана без три органи, може да се врати од почеток, доколку до септмеври нема разрешница. Овој судски процес може да добие и четврти судија. Рочиштето и денеска одложено…

Повторно се одложи судењето за родилката од Дебар, која пред четири години, при породување во струшката болница остана без три органи- бубрег, јајници и матка. Последното рочиште се одржа во април, кога поради неусогласување на двете спротивставени вештачења, судот издаде наредба да се прави супервештачење, за утврдување на одговорност кај лекарите.

Супервештачењето доцни, треба го изготви одбор од 19 лекари при Медицинскиот факултет. Оштетената стравува, постои опасност судењето повторно да се врати на почеток, бидејќи од 15-ти јули почнува судската ферија, а третиот судија, кој го води случајот е делегиран само до 5-ти септември.

„Двајца судии се пензионираа, третиот судија го води мојот случај, но неизвесно е дали третиот судија ќе го заврши случајот или па ќе треба и четврти судија да го земе мојот случај. Тоа ќе биде катастрофа за нас како граѓани, толку исчекување за правда е предолг период“, вели оштетена родилкаЈилдаз Веапоска.

Судскиот процес за родилката од Дебар трае повеќе од три години, досега се сменија тројца судии и двајца обвинители. Оштетената е исцрпена, психички, физички и финансиски.

„Во овој случај одбраната тоа време гледа што повеќе да го продолжи, прошири, зголеми, бидејќи со тек на време се губи жестината на самиот процес. Вие и сами сте свесни како тоа изгледаше како денес, меѓутоа знаете времето со правдата како се поврзани, колку и долго да трае правдата ќе го најде својот пат“, вели Сашо Јаневадвокат на оштетената.

Според обвинението, првообвинетиот д-р Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани специјализант по гинекологија и третообвинетата лекарка Лилјана Јованоска, се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето и примена на неподобни средства при лекувањето.

 

Соња Рилковска