Голем интерес за огласот за јавни функции на Собранието

01.07.2014 16:50

Голем интерес за огласот што го распиша Собранието за ангажирање лица за повеќе јавни функции. Рокот истекува на 20-ти јули, а надлежните очекуваат интересот да се зголеми. Право да се пријават имаат сите граѓани кои ги исполнуваат условите без разлика на верската, националната или политичката припадност...

Прецизно се дефинираат критериумите за кандидатите кои ќе аплицираат за некоја од 40-те функции што преку јавен оглас ги бара Собранието. Сертификат за положен психолошки, и тест за интегритет се бараат во пријавите за функции во Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисиите за жалби од областа на енергетиката и онаа за јавните набавки, како и во Комисијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер.

„Со објавување на ваков оглас ќе се пројави интерес од одредени луѓе кои ги исполнуваат условите за тие позиции и ќе има можност Комисијата од што поголем број кандидати да го избере најдобриот кој што смета дека треба да биде избран и кој ќе биде предложен на седницата на Собранието“, рече претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Зоран Илиоски.

Со вчерашното дополнување на огласот се бараат компетентни и високомотивирани кандидати за позициите: генерален секретар на државната комисија за спречување на корупцијата, седум членови во комисијата за заштита од дискриминација и генерален секретар на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.  

Истата комисија што го спроведува огласот на денешната седница едногласно ги предложи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Рафиз Алити од ДУИ за потпретседатели на Собранието.

Согласно законот третиот потпретседател на собранието се избира од редот на најголемата опозициска партија. Бидејќи ставот на СДСМ е да не биде дел од новиот парламентарен состав, предлогот за трет заменик на спикерот Велјановски ќе се предложи дополнително.

 

Анита Димитријевска