НЕВРЕМЕ

Сериозни штети од невремето во Куманово

27.06.2024 14:49

Невремето предизвика сериозни штети и во кумановско. Поплавени се бројни објекти. Екипите од синоќа се на терен и им помагаат на граѓаните да ја извадат надојдената вода...

Поплавени куќи, подруми, дворови, паднати дрвја, оштетени кровови е состојбата по големото невреме коешто го погоди кумановскиот регион. Обилните врнежи со засилен ветер за само неколку часа предизвикаа големи штети. Жителите заедно со припадниците на територијалната противпожарна единица и доцна синоќа и денеска продолжуваат да исцрпуваат вода од подрумските простории и домовите. Се работи според приоритети.

Екипите на комуналното претпријатие, пак, отстрануваат паднати дрвја и наноси од улиците. Дел од мештаните со реакции при секои обилни врнежи тие се поплавени.

„Многу паѓаше дожд, балконите беа полни со вода, во подрумот не знамКога и да врне од овде влегува вода во подрумите“, истакна една кумановка.

„Вчера кога дојде водата 20 сантиметри сè беше полно. Доаѓа тука закукани се каналите и се собира овде е пониско ова место, не можеме да ја исцрпиме, извадиме. Мириса не можеме ништо да чуваме во подрумот“, нагласи друг кумановец.

Од кумановската пожарна велат, речиси нема место во Куманово кое не е поплавено и од каде што не добиле повик.

„Цела ноќ екипите се на терен работиме етапно по примена пријава, има список, како завршуваме така продолжуваме на терен. Моментално три екипи се на терен. На една од локациите има четири куќи поплавено, продолжуваме сè уште таму има уште два објекти поплавени штом завршиме таму ќе смениме локации“, истакна командирот на ТППЕ Куманово, Деан Илиевски.

Одредени објекти се поплавени од атмосферска вода, а во дел се вратила водата од канализациската мрежа.

Општинскиот кризен штаб засега нема да заседава. Општината излезе со кусо соопштение во кое е наложено штабот да се информира за состојбата и граѓаните да доставуваат барања со кои ќе ја наведат предизвиканата штета.

Невремето предизвика штети и во липковско. Во селата Опае и Слупчане зафатени се поголеми површини.

 

Елена Георгиевска