Димитриеска-Кочоска: Ребалансот се подготвува, предизвикот е голем, но ќе се справиме
Ќе се обезбедат пари за плати и пензии, за сè она што е преземено како обврска согласно закон, а ќе се скратат неприоритетните и непродуктивните трошења. Предизвикот е голем, планираниот дефицит е потрошен околу 90%, но ќе се справиме со состојбата.
Во Министерството за финансии се подготвува ребалансот на Буџетот за 2024 година. Ќе се обезбедат пари за плати и пензии, за сè она што е преземено како обврска согласно закон, а ќе се скратат неприоритетните и непродуктивните трошења. Предизвикот е голем, планираниот дефицит е потрошен околу 90%, но ќе се справиме со состојбата.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето прво гостување по преземање на функцијата во подкаст „Каде се парите“, во кое говори и за плановите, за сериозниот пристап во работењето, борбата со сивата економија, зголемување на пензиите, како и за најавениот заем од една милијарда евра.
„Состојбата е многу лоша. Дефинитивно предизвикот е голем. Не велам дека нема да се справиме. Насоките што ги дадов се дека приоритет мора да имаат платите и пензиите. Во исто време да се даде приоритет на се она што е преземено со закон и дека тоа мора да се плаќа, а потоа да продолжиме со тоа колку пари ќе останат за да се прераспределат на другите ставки“, рече министерката Димитриеска-Кочоска која додаде дека има позиции, како што е примерот со ДИК да фалат огромни средства и да не може да се исплати она што е преземено согласно закон, истото, како што вели, е и во делот на исплата на пензиите каде се испланирани помалку средства за 2,5 милијарди денари.
Таа додаде дека имаме фактичка состојба на реализиран буџетски дефицит од 90%, но дека ќе има простор да се реализираат расходи бидејќи таа состојба ќе се менува како ќе пристигнуваат приливи во буџетот и дека за тоа е важно час поскоро да се направат промени на челните позиции во УЈП и Царинската управа. Исто така, значајна е борбата со сивата економија, за што, како што вели министерката, ќе има сериозен пристап.
Со ребалансот, потенцира, ќе се обезбедат средства за исплата на планираното зголемување на пензиите од 2.500 денари со септемвриската пензија, што пензионерите ќе ја добијат во октомври.
