Енергетика

Минимално зголемување на цената на струјата

27.06.2024 15:48

Ценовен шок за граѓаните нема да има. Регулаторната комисија за енергетика ги соопшти новите цени на струјата кои ќе важат од понеделник. Се движат од 0,8 до 1,9 проценти, во зависност од тарифниот блок. Во просек, за 88 насто од домаќинствата во државата кои со потрошувачката се во првиот и во вториот блок, струјата ќе поскапи за 0,4 насто…

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски најави минимално зголемување на цената на струјата за потрошувачите во вториот, третиот и четвртиот блок. За граѓаните коишто се во првиот блок, со минимална потрошувачка, нема да има корекции во цената.

Според Бислимоски, од 1-ви јули струјата ќе биде поскапа за 0,4 насто за 88 проценти од домаќинствата, со што нема да биде предизвикан ценовен шок.

За осум проценти од граѓаните кои имаат потрошувачка во трет блок-струјата ќе поскапи за 0,48%, за четири проценти од семејствата коишто се во четвртиот блок-трошоците за струја ќе се зголемат за 0,57%, рече Бислимоски.

Поскапувањето нема да предизвика ценовен шок

Според Бислимоски, поскапувањето е минимално и нема да предизвика ценовен шок.

Новата цена на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе важи од 1-ви јули. На тендерот што го распиша универзалниот снабдувач ЕВН Хоум беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите, додека за преостанатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.

Деновиве во Парламентот беа усвоени дополнувањата на Законот за енергетика, со кои треба да се обезбеди сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

Игор Панов