Ограничена пловидба: Безбедноста на капачите на повисоко ниво

01.07.2014 17:01

Скутерите и чамците од денеска ќе имаат временско ограничување за пловидба на македонските езера. Оваа владина мерка е со цел да се заштитат капачите и да се зголеми безбедноста во внатрешната пловидба. Лани поради непочитување на ограничувањата на охридското езеро биле изречени 12 прекршочни казни од 400 до 1.600 евра...

Безбедноста на капачите на Охридското езеро од денеска е подигната на повисоко ниво. Стапува на сила забраната за пловидба на скутерите од 11 до 19 часот, а за чамците ограничувањето  важи во ноќните часови.

Од Охридската капетанија велат дека и оваа година ќе има засилени контроли што ќе придонесе за поголема безбедност на капачите и воопшто на учесниците во водениот сообраќај.

Минатото лето биле изречени 12 прекршочни казни од 400 до 1.600 евра.

„Оваа мерка е добра, бидејќи со неа ќе се заштитат капачите“, велат граѓаните.

„Капетанијата ја има многу убаво решено оваа работа и е за поздравување, особено кога се работи за скутерите, за глисерите, луѓето се капат и треба да бидат безбедни“, изјави Номче Мато, сопственик на катамаран.

За да може пловен објект да плови ноќе мора да ги поседува сите сигнализации по меѓународните норми, за да  биде виден и од вода и од копно, велат охридските бродари.

Не може необележан пловен објект да плови по езерото и мислам дека мерката е правилна и нормално, треба да се заштитиме, како што се заштитени во цел свет, така треба и ние“, изјави Јусуф Идриз, капетан на бродот „Галеб“.

И ова лето ќе се преземаат ригорозни мерки против учесниците во пловидбата, кои не ги почитуваат мерките за дозволената одалеченост на пловилата од брегот. Чамците до 4 коњски сили не треба да пловат поблиску од 100 метри, додека бродовите, глисерите и скутерите треба да пловат најмалку 300 метри подалеку од брегот.

 

Сашо Нелоски