Бајден и Трамп ги судрија аргументите на првиот ТВ-дуел за претседателските избори
Прво телевизиско соочување меѓу двајцата највозрасни кандидати за шеф на Белата Куќа, Бајден и Трамп, во Атланта, Џорџија. Си разменија низа обвинувања за владеењето, судските процеси на Трамп и членови на семејството Бајден, а беше спомнат упадот во Капитол од 6-ти јануари...

Прво телевизиско соочување меѓу двајцата највозрасни кандидати за шеф на Белата Куќа, Бајден и Трамп, во Атланта, Џорџија. Во 90-минутниот дуел на Си-ен-ен, претендентите за претседател на САД разговараа за економијата, војните во светот, имиграцијата и демократијата. Си разменија низа обвинувања за владеењето, судските процеси на Трамп и членови на семејството Бајден, а беше спомнат упадот во Капитол од 6-ти јануари.
„Мојата одмазда ќе биде успех. Ќе ја направиме оваа земја повторно успешна, бидејќи во моментов таа е нација што пропаѓа. Низ целиот свет бевме почитувани. И тогаш тој влегува и сега ни се смеат, ние сме како куп глупи луѓе. Она што се случи со репутацијата на САД под водство на овој човек е ужасно“, рече поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.
„Идејата дека сум направил нешто погрешно во однос на она што го зборуваш е срамота. Тоа е едноставно лага. Број еден. Број два, идејата дека имаш право да бараш одмазда против кој било Американец само затоа што си претседател е погрешна. Едноставно, ниеден претседател не зборувал така досега“, возврати американскиот претседател, Џо Бајден.
Трамп и Бајден треба повторно да се соочат на 10-ти септември. Според анкетите 81-годишниот кандидат на Демократската партија Џо Бајден и неговиот три и пол години помлад републикански ривал, Доналд Трамп имаат подеднаква поддршка од гласачите.
