Жестока расправа на првиот ТВ-дуел меѓу Бајден и Трамп
Бајден и Трамп ги судрија аргументите на првиот ТВ-дуел за претседателските избори. Жестока расправа за американската економија, надворешните работи, правата за абортус, миграцијата преку мексиканската граница во САД. Меѓусебни обвинувања и за војната во Украина...

Жестока, прва ТВ-дебата помеѓу Џо Бајден и Доналд Трамп пред изборите во ноември. Двајцата кандидати за шеф на Белата куќа си разменија лавина меѓусебни обвинувања. Во 90-минутниот дуел во студиото на Си-ен-ен во Атланта, презентираа различни ставови за економијата, надворешните работи, правата за абортус, имиграцијата, демократијата, војните во светот.
„Имавме економија која беше во слободен пад. Пандемијата беше толку лошо управувана. Откако тој замина, работите беа во хаос“, рече Бајден.
„Ние ја имаме најголемата економија во историјата на нашата земја. Никогаш не сме работеле толку добро“, возврати Трамп.
За војната меѓу Израел и Хамас, Трамп го избегна прашањето дали ќе поддржи независна палестинска држава. Бајден ја потврди поддршката за Израел и се фокусираше на Хамас, и како тие треба да бидат елиминирани. Трамп обвини дека и даваат премногу финансиска помош на Украина, за што Бајден рече дека парите се од оружјето што се произведува во САД.
„Ова е војна што никогаш не требаше да почне ако имавме лидер. Секој пат кога Зеленски ќе дојде во оваа земја, тој си заминува со 60 милијарди долари. Тој е најголемиот продавач досега“, рече Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.
„Факт е дека Путин е воен злосторник. Тој ја сака цела Украина. Мислите ли дека ќе престане кога ќе ја земе Украина. Што мислите, што се случува со Полска? Што мислите за Белорусија? Патем, сите тие пари ги даваме на Украина од оружјето што го правиме овде во САД“, се спротивстави Бајден.
Ривалите зборуваа за возраста, судските процеси против Трамп и членови на семејството Бајден, па дури и нивната моќ на теренот за голф. Поранешниот претседател, Доналд Трамп, директно не потврди дека ќе ги прифати изборните резултати. Според анкетите на Си-ен-ен по дебатата, Трамп убедливо победил со разлика од 67-33 насто, а некои демократи изразиле тревога за настапот на Бајден. Двајцата највозрасни кандидати за шеф на Белата куќа, треба повторно да се соочат на 10-ти септември.
Маријана Димовска
Маријана Димовска
