Јубилеј

„Сонот на Ерберт“ - Францускиот институт го завршува јубилејот со улично дефиле и претстава

28.06.2024 11:14

Вечерва, со почеток во 21 часот ќе се одржи спектакуларното затворање на прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ерберт“...

Вечерва, со почеток во 21 часот ќе се одржи спектакуларното затворање на прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ерберт“. Изведбата е на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно и тоа низ целиот свет.

Почетно место е Музејот на град Скопје, потоа низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.

Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи четири метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото.

Претставата е наменета за сите возрасти.

На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен како „Франција во светлина“.