Грција го отвори прашањето за Договорот од Преспа пред Европскиот совет, обвини за негово непочитување
Грчкиот премиер Мицотакис на вчерашниот состанок на Европскиот совет во Брисел ги информирал своите колеги за, како што изјави, фактот што претседателката Сиљановска - Давкова и премиерот Мицкоски директно го кршат договорот од преспа со некористењето на уставното име во државата. Од друга страна пак, јужниот сосед сè уште не ги ратификуваше меморандумите, дел од нивните обврски од преспанскиот договор.

Грција пред Европскиот совет ги обвини претседателката Сиљановска-Давкова и премиерот Мицкоски дека го кршат договорот од Преспа. Мицотакис смета дека двајцата во практика го игнорираат договорот и избираат да користат друго име, а не уставното за внатрешна употреба.
Грчкиот премиер се закани дека ако Скопје продолжи со тоа, ќе го направи исклучително тежок, ако не и во практика да го поништи, секој процес на брзо приклучување на европското семејство. Од друга страна пак, Грција сè уште ги нема ратификувано меморандумите кои се дел од нивните обврски од Преспанскиот договор. Ставот на Атина е дека нератификуваните меморандуми за нив се дополнително преговарачко оружје.
„Ги информирав моите колеги во Европскиот совет за овој непријатен развој и исто така, јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, во суштина ќе го отежнат, ако не и практично ќе го поништат секој процес на непосредна конвергенција со европското семејство. Секој треба да ги сфати последиците од своите постапки и да знае дека почитувањето на европското законодавство, очигледно оди преку доследното почитување на меѓународните договори, потпишани од двете страни“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Владата ги отфрли наводите на грчкиот премиер Мицотакис дека Македонија го прекршила Договорот од Преспа.
„Истакнуваме дека државата продолжува да ги почитува преземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи ја тука и употребата на името „Македонија“, како и името „Северна Македонија“ во соодветни формати и прилики утврдени со Договорот и Уставот на државата“. велат од Владата.
Од таму додаваат дека преземените обврски се двонасочна улица, и воедно треба да се земат предвид и обврските кои ги има соседна Грција а кои не се исполнети. А, од први јули, претседавањето со Европската унија го презема Унгарија. Будимпешта ќе се обиде да почне „конкретни преговори со новата влада на Македонија, изјави деновиве шефот на дипломатијата Сијарто, додавајќи дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е „економски, но и политички и безбедносен интерес на Унгарија.“
Милчо Велески
