Во Охрид отворен фестивалот на виното
Синоќа во Охрид е отворено третото издание на фестивалот на виното. До сабота љубителите на добрата капка покрај во виното ќе уживаат и во ракијата како и во богатата музичка програма со познати македонски естрадни уметници. Локалната самоуправа го организира овој настан, со цел да се зголеми бројот на туристите пред шпицот на летната туристичка сезона.

Со Фестивалот на виното, синоќа во Охрид беше отворена летната туристичка сезона. Љубителите на виното уживаа во квалитетните производи кои ги понудија повеќе македонски винарии, но и во закуските и богатата музичка програма.
Посетителите задоволни.
„Јас сум од Њујорк, Охрид е прекрасен, многу е убаво. Овде сум неколку месеци и ми се допаѓа. Винскиот фестивал одличен и уживам во локалните вина.
„Убав собир на убави луѓе, расположени, комотни, опуштени. Супер е.
„Одлично, секоја година сме тука и секогаш е предобро“.
„Па сега делиме едно шише, па ќе видиме понатака“.
Фестивалот е одлична пригода локалните производители на вино и ракија да ги промовираат своите производи.
„Традиционално од наши плодови ја произведуваме, на традиционален начин со некои иновации“, вели еден од производителите на вино.
„Тука сме да ги изложиме нашите вина, нашите ракии. За прв пат оваа година направивме македонски џин од локални смреки од Галичица и од чај“, рече друг.
Организаторот очекува веќе од наредната година Фестивалот да прерасне во регионален настан.
„Имаме најави дека ќе дојдат винарии од Хрватска, Албанија и од Србија, така да се надевам дека во најкраток рок од 2,3,4 години ќе направиме овој фестивал да биде препознатлив на Балканот“, изјави Пане Темов, организатор.
Фестивалот на виното е првиот настан со кој на охридското крајбрежје се привлекуваат домашни и странски туристи. До крајот на летото ќе ги има уште многу, а како и секогаш најбогата и најквалитетна програма ќе понуди Фестивалот „Охридско лето“.
Сашо Нелоски
