НЕВРЕМЕ

По невремето во Куманово, над 20 барања за проценка на штети

28.06.2024 14:00

Над 20 пријави за претрпени штети од невремето досега пристигнале во Општина Куманово. Граѓаните пријавуваат поплавени домови, подруми, уништени раноградинарски и житни култури.

Дваесетина кумановци досега поднеле барање за проценка на штети, по невремето кое го зафати регионот. Најголем дел од барањата се од граѓани од централното подрачје и село Черкезе. Штетите се однесуваат за поплавен имот, куќи, подруми, земјоделски земјишта, уништени раноградинарски и житни култури. По поднесување, барањата ќе се разгледаат и состанок ќе одржи општинскиот штаб за заштита и спасување.

„За жал во Општина Куманово мал е процент на сообраќајниците кои се покриени со атмосферска мрежа. Целокупниот дожд што паѓа најголем дел слева и собира во канализационата мрежа што прави дополнителен проблем“, истакна секретарот на Општина Куманово, Александар Гелевски.

Од општината ги повикуваат граѓаните доколку имаат претрпено штети да пријават. Невремето ги погоди речиси сите населени места во кумановско. Екипите на противпожарната единица и комуналното претпријатие „Чистота и Зеленило“ на терен ги санираа штетите. Се отстрануваа паднати дрвја, се исцрпуваше вода од домовите.

Невремето освен во кумановско предизвика штети и во липковско, Старо Нагоричане и кривопаланечко.

Во Крива Паланка вода навлезе и во простории на детска градинка, а беше отсечен и локалниот пат кон село Станци.

 

Елена Георгиевска