Балансерот ќе се укинува во три фази, стручноста ќе биде пред етничката припадност
Балансерот е прочистен, во него се само резидентните граѓани, изјави Стефан Андоновски министерот за дигитална трансформација. Вели укинувањето ќе биде во три фази при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот – соодветна и правична застапеност на етничките заедници...

Балансерот е прочистен и во него останува само резидентното население, но не и оние наши граѓани кои се попишани во странство. Ова е првата фаза од неговото укинување до законско ослободување – вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Времето на балансирање по етнички клуч е минато, предност ќе се даде на стручноста. Ќе се почитува Уставот кој гарантира соодветна и правична застапеност, додава тој.
Вкупно попишано население: 54,21% Македонци, 29,52% Албанци, 3.98% Турци, 2,34% Роми, 1,18% Срби, 0,87% Бошњаци, 0,44% Власи.
Вкупно резидентно население во РСМ: 58,44% Македонци, 24,30% Албанци, 3,86% Турци, 2,53% Роми, 0,47% Власи, 1,30% Срби, 0,87% Бошњаци.
Ќе се дигитализира и Управата за матични книги. 20 нови електронски услуги ќе им го олеснат функционирањето на граѓаните и компаниите. Модерна дигитална економија во соработка со коморите, невладиниот сектор и стручната фела, поддршка за технолошките таленти и заштита на фриленсерите кои работат на дигитални платформи на далечина со измени на Законот за работни односи, најавува Андоновски.
Според Андоновски, од понеделник почнува и формирањето на работните групи за изработка на Национална платформа за кибер-безбедност.
Александра Велинова
