Битола

Поради нефункционирање на стрежевскиот цевковод, уништени 200 хектари со пченка

28.06.2024 15:07

Пелагониските сточари од пограничниот регион со Грција кој воедно се и сточари се на големи маки. Поради нефункционирање на стрежевскиот цевковод ЦЕ 9 уништени се 200 хектари со пченка. Од Стрежево велат новиот дефект е предизвикан од нетрпеливоста и несовесно делување на земјоделците...

Ако во некои наши региони посевите се уништуваат од екстремното невреме и големите количини на вода, во пограничниот Пелагониски регион нефункционирањето на стрежевскиот цевковод ЦЕ 9 ја уништи вегетацијата на околу 200 хектари со пченка.

Овдешните земјоделци велат дека загубата е 2.000 тони пченкарно зрно, плус силажата за стоката. Велат дека најголемиот дел од нив имаат и сточарски фарми.

Во телефонската изјава за МТВ, од ХМС Стрежево признаваат дека цевководот подолг период е во дефект. Но, напомнуваат дека тоа резултат на нетрпеливоста и несовесноста на некои земјоделци, откако истиот бил поправен. Имено, се создал воздушен џеб кој продуцирал нов дефект. Велат, интензивно се работи и за неколку денови ќе биде во функција.

Што се однесува до потпишувањето на договорите со земјоделците, велат последниот рок е 20-ти јули.

Стевче Митревски