Прва седница на новата влада

Нови кадровски решенија во дел од институциите

28.06.2024 18:30

На првата владина седница беа донесени нови раководни кадри во неколку државни институции. Игор Јанушев е именуван за Генерален секретар на Владата, Елена Петрова ќе седне на челната позиција на УЈП, Бобан Николовски во Царинската управа, а Александар Јанев со 27 години полициска кариера е новиот директор на Бирото за јавна безбедност…

Екс-пратеникот Игор Јанушев е именуван за Генерален секретар на Владата, а поранешниот управител на ЕЛЕМ Турс, Ивица Томовски е назначен за директор на Службата за општи и заеднички работи.

Александар Јанев е назначен за директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ). Јанев има 27-годишна полициска кариера, работел на различни позиции во Министерството за внатрешни работи, меѓу кои и главен инспектор во Секторот за обезбедување и заштита на личности и објекти и раководел со четири сектори со 300-350 вработени во областа на организираниот криминал, корупцијата, транснационалниот криминал, тероризмот и насилниот екстремизам.

Елена Петрова е нова директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), одлучи Владата на првата седница. Петрова беше дополнителна заменичка-министер за финансии во последната техничка Влада, а 25 години работи во УЈП.

Пратеникот Бобан Николовски е нов директор на Царинската управа. За државен секретар во Министерството за внатрешни работи е именуван Сашо Петрушевски, доскорешен директор на Јавно претпријатие „Куманово Паркинг“. За шеф на Канцеларијата на премиерот е назначен Владимир Нелоски, кој е советник во Град Скопје, а негов заменик е Саше Павлоски кој повеќе години работел во Владата.

На денешната седница министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски откако ја информираше владата за штетите од невремето беше задолжен од општините да прибере информација за процена на штетите од невремето за да се направи процена на износите на штета.

А поради штетите кои ги направи невремето во Драмскиот театар, е најавена ревизија на постапувањето на минатата управа на театарот и континуираната негрижа.

Владата денеска одлучи Меѓународниот универзитет во Струга не може да основа Факултет за здравствени науки. Донесената одлука од претходното владино раководство е поништена, а информацијата беше потврдена на првата седница на новата Влада.

Игор Панов