Пензиите се зголемуваат за 5.000 денари, покачувањето ќе биде поделено на два дела
Прва одлука на првата владина седница. Пензиите се зголемуваат за 5.000 денари, покачувањето ќе биде поделено на два дела. Мицкоски на средба со пензионерите во Велес…

Линеарно зголемување на пензиите-прва одлука на првата владина седница. Премиерот Мицкоски денеска со владините претствници одлучија дека примањата на пензионерите ќе се зголемат за 5.000 денари. Половина од парите ќе бидат исплатени во септември, а останатите во март. Претседателот на владата денеска ги посети пензионерите во Велес.
„Главната идеа потекна од оваа средба да имаме комплетна промена на концептот во пензискиот систем, а тоа е да имаме линеарно покачување на пензиите на пензионерите. На тој начин практично сите пензионери ќе добијат подеднакво и нема да се создава преголема разлика помеѓу малкумина и повеќе од 80% од пензионерите“, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот посочи дека е направена детална анализа и врз основа на тоа беше дадено ветувањето дека во првата година од мандатот ќе се направи линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари.
Денес на седницата на Владата како точка за информирање донесовме заклучок дека пензиите коишто треба да бидат нивелирани, сега во месец септември, а потоа и во месец март следната година, ќе го вклучат тоа линеарно покачување, најпрвин од 2.500 денари сега во септември, и уште 2.500 денари и во месец март. Тоа значи дека најпрвин за три месеци, па за 9 месеци, порано од таа една година што ја ветувавме, тие 5.000 денари линеарно зголемување на пензиите за пензионерите ќе бидат веднаш исплатени-рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека се правеле напори и сега во септември да се исплатат во целост 5.000 денари покачување на пензиите, но во овој буџет ваков каков што е, недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовното исплаќање на пензиите. Со оглед на тоа дека со ново покачување ќе бидат зафатени исто толку пари, со ребалансот на буџетот ќе бидат реструктурирани 5 милијарди денари или повеќе од 80 милиони евра.
Петар Печков известува од Велес
