Можностите за инвестирање во Македонија претставени пред бизнисмените од Јужна Кореја
На бизнис- форумот во Сеул, организиран од групацијата „Фајненшал Тајмс“, премиерот Груевски се осврна на реформите кои се направени во нашата земја со цел унапредување на бизнис климата и создавање на услови за ефективна работа на компаниите...

Продолжува македонското роуд шоу на далечниот Исток. Премиерот Никола Груевски и владината делегација, по Јапонија, ги претставија инвестициските поволности пред бизнис заедницата на Јужна Кореја. Овој „азиски тигар“, поради тековните економски приспособувања на глобалната криза, ги нема почувствувано економските последици, што е можност повеќе за инвестирање во земјава.
На бизнис- форумот во Сеул, организиран од групацијата „Фајненшал Тајмс“, премиерот Груевски се осврна на реформите кои се направени во нашата земја со цел унапредување на бизнис климата и создавање на услови за ефективна работа на компаниите.
„Заедно со стопанските комори, какви што има неколку во Македонија, имаме околу 300 компании со различна големина и од различни сектори. Ги утврдивме сите или барем повеќето проблеми на компаниите кои работат во земјата, главно бирократски проблеми. Повеќето ги елиминиравме, ги направивме побрзи или поевтини, или комбинација на двете. Тоа беше еден од главните придонеси за сериозно подобрување на бизнис климата во земјата“, истакна премиерот Никола Груевски пред бизнисмените од Јужна Кореја на форумот во Сеул.
Вицепремиерот Ставрески смета дека Кореја е брзо растечка економија и дека треба да се вложува напор за да се презентираат поволностите кои Македонија ги нуди за инвеститорите.
„Затоа беше значајно за прв пат една македонска делегација предводена од премиерот Груевски да дојде овде во Јужна Кореја и да ги презентираме можностите што ги нуди Македонија за бизнисмените од Кореја, да не запознаат повеќе, да слушнат за ниските даноци и за поволната бизнис клима, за можноста да ја користат Македонија за влез на европскиот пазар, и секако сето тоа наиде на добар интерес кај присутните бизнисмени и верувам дека на тој начин ќе дојдеме и до понатамошна реализација на нивни посети во Република Македонија“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
