Североисток

Расте бројот на жртви на семејно насилство

29.06.2024 11:17

Билтенот на полицијата сè почесто е полн со пријави за семејно насилство. Во Куманово речиси нема ден во кој не е нападната жена. Експертите велат ретко која од жртвите се охрабрува да излезе од насилничката средина. Причините се различно но најмногу економската зависност од мажите...

Четири пријави за семејно насилство за само два дена, регистрира кумановската полиција. Жителите неодамна ги вознемири и двојно убиство. Кратовчанка ги уби сопругот и свекорот. Таа со години била жртва на семејно насилство. Според статистиката на МВР од почетокот на годинава во североистокот регистрирани се вкупно 49 пријави. Во 38 од случаите жртви се жени.

„На подрачјето на Куманово во 2023 година биле регистрирани 116 пријави поврзани со семејно насилство. Од нив се работи за 26 жртви мажи и 90 жртви жени“, информира Секторот за внатрешни работи Куманово.

Советувалиштето за жени жртви во Куманово кое функционира две години, го посетуваат по речиси 50 жени. Бројот на оние коишто се информираат за услугите е двојно поголем. Но оттаму укажуваат дека ретко кој се охрабрува да излезе од насилничката средина.

„Имаме жени што веќе доаѓале користеле услуги, па ги немало, но сега пак се враќаат. Тој круг се врти, се враќаат во насилничката средина, извесен период се е добро, и пак почнува насилството и тие пак се враќаат. Досега годинава имаме 14 жени што ги примаат нашите услуги, 20 што побарале некој совет“, истакна Лидија Илијевска, претседателка Здружение „Мајка“ Куманово.

Жената велат треба сама да одлучи и да си помогне.

Насилството посочуваат расте поради новиот бурен начин на живот, трката за обезбедување средства. Но значајна улога има економската зависност од мажите.

Здружението „Мајка“ со поддршка на општината, би требало да отвори и кризен центар за жртви на семејно насилство. Во истиот тие би биле згрижени 48 часа.

 

Елена Георгиевска