Расте интересот за изучување на францускиот јазик

02.07.2014 11:10

Професори по француски јазик од Македонија и од соседните земји и годинава, по петнаесетти пат учествуваат на летниот курс што го организира француската амбасада. Струга е домаќин кој за сите овие години на учесниците им обезбедува одлични услови за престој и работа...

Во Македонија се повеќе се зголемува интересот за изучување на францускиот јазик. Од тука и се поголемата посетеност на летниот Универзитет по француски јазик, како втор официјален во Европската Унија. Струга по петнаесетти пат е домаќин на овој настан.

Амбасадата на Франција го поддржува овој летен универзитет и секоја година носиме предавачи, специјализирани за францускиот како странски јазик и годинава нудиме пет модули за работа“, вели Анжелик Лере, Аташе на Францускиот институт Скопје.

Емили Лер од познатата Француска и франкофонска светска телевизија ТВ 5 Монд во Струга доаѓа по трет пат. Врши предавања и обука за професорите по француски јазик.

Она што овде го правам со професорите е да им објаснам и да им помогнам да се обучат да го користат сајтот, објаснува Емили Лер.

За професорите по француски јазик од Република Македонија одржувањето на овој универзитет  претставува одлична можност да доедукација на францускиот јазик.

За нас е посебна чест што постои и што имаме можност ние професорите што сме од Македонија да се доедуцираме, да ги следиме образовните трендови кои што ги прават и нашите колеги што се во Европа и потоа да ги имлементираме на часовите по француски јазик, појаснува Анета Димишкоска, секретар во Здружението на професори по француски јазик на Република Македонија.

На годинашното издание присуствуваат околу деведесет учесници претежно професори по француски јазик од Македонија, потоа од Косово, Албанија и од Србија. Инаку Македонија е признат и почитуван член на франкофонското семејство, а овој курс уште повеќе ќе придонесе кон зголемување на респектот од земјите од оваа група.

Јованчо Наумоски