Франција

Во Франција денеска ќе се одржи првиот круг од вонредните парламентарни избори

30.06.2024 09:25

Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас и ќе избираат 577 пратеници за долниот дом на францускиот парламент. Вториот круг е закажан за 7 јули...

Во Франција денеска ќе се одржи првиот круг од вонредните парламентарни избори, кои би можеле за првпат по Втората светска војна да ја доведат крајната десница на власт, по убедливата победа на партијата Национален собир (НС) над центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон на изборите за Европскиот парламент.

Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас и ќе избираат 577 пратеници за долниот дом на францускиот парламент. Вториот круг е закажан за 7 јули. Медиумите ги означија овие избори како едни од најважните во последните две децении во земјата.

Претседателот Емануел Макрон распиша вонредни избори на 9 јуни, објавувајќи го распуштањето на Собранието, истата вечер кога крајната десница забележа убедлива победа на европските избори, одржани истиот ден во Франција.