Иако берзата на труд бара техничари, слаб е интересот за техничките струки

02.07.2014 11:37

Заврши второто пријавување за полуматурантите. Во голем број скопски гимназии нема да има втор уписен рок, додека во некои технички училишта, за да се привлечат поголем број осмооделенци, се намалуваат поените за упис. И натаму, идните гимназијалци се решаваат за општествените насоки, иако пазарот на трудот бара техничари...

Додека голем дел од гимназиите веќе ги пополнија квотите, некои од техничките средни училишта ги намалуваат поените за упис за да привлечат основците. Ваква е сликата во електротехничкото Михајло Пупин каде има едвај 80 запишани ученици.

Во второто пријавување од првиот уписен рок документи поднеле 18 полуматуранти, а  има слободни 400 места. Директорот Пејовски е изненаден од  малиот интерес за овие струки, затоа што овие кадри се најбарани на пазарот на труд.

„Веројатно е потребно време да се надмине она што на некој начин стана традиција кај нас- да се запишуваме во гимназија“, изјави директорот на средното техничко училиште „Михајло Пупин“, Ефтим Пејовски.

Голем дел од скопските гимназии ги пополнија квотите или скоро и да нема слободни места. Во „Ѓорѓи Димитров“ остануваат само 10 места за стручно образование, во гиманазијата „Корчагин“ 3, во „Јосип Броз Тито“ има 70 места, а во „Васил Антевски- Дрен“ нема да има втор уписен рок.

И покрај апелите основците да се запишат во некое од техничките училишта,  економското и гимназиите и годинава се најатрактивни за полуматурантите.

„Премногу ги исфорсираа децата да одат на општествените науки, а веќе многу од нив останаа и на берзата на трудот и тоа кандидати кои завршиле економски и правен факултет“, смета Александар Канурков, директор на средното училиште „Васил Антевски- Дрен“.  

Во второто пријавување од првиот уписен рок има слободни околу 22.400 места.

Резултатите од второто пријавување ќе бидат објавени на 3-ти јули, вториот уписен рок е закажан за 21-ви август. Училиштата кои нема да ги пополнат квотите ќе запишуваат  полуматуранти до 29-ти август.

 

Викторија Тодоровска