Сообраќајниот метеж и бучавата најголем проблем во Охрид
Сообраќајниот метеж, недостигот на паркинзи и бучавата се едни од главните проблеми во екот на туристичката сезона во Охрид. Јавните претпријатија се подготвени и со механизација и дополнително екипирани со човечки ресурси да одговорат на повеќекратно зголемениот обем на работа...

Шпицот на туристичката сезона, носи низа предизвици во главниот туристички центар во земјава. Јули и август е најголемиот наплив на туристи во Охрид, а со тоа и повеќекратно зголемено производство на смет, оптоварување на водоснабдителната и канализационата мрежа, појава на чести дефекти.
Сообраќајниот метеж, недостигот на паркинзи и бучавата се исто така едни од главните проблеми.
„Бучава да, јас тука сум во прв ред навечер поготово со винскиот фестивал грми многу. Нечистотијата гледам собираат се јаде некако добро е“, изјави жител.
„Јас сум на тивко место инаку има, младите шетаат на вечер нормално. Се се тоа нерешени проблеми. Се кршат специјално од некого клупите“, додаде друг.
„Хигиената е најважна. Погледајте само фрлени флаши стојат поминува се собира најкрупното и само газиме. И клупите се за никаде никогаш не се опрани“, изјави жител.
Јавните претпријатија се подготвени со нова механизација, но и дополнително екипирани со доволно човечки ресурси за да одговорат на потребите во сезона. Градот ќе се чисти во три смени и редовно ќе се одржува водоснабдителната и канализационата мрежа.
„Службите се навикнати, факт е дека во летото, отприлика два месеци ќе имаме зголемен обем на работа посебно со водоснабдување и одржување на хигиена. Меѓутоа завршија последните подготовки во однос на механизација, екипирање и дополнителен број работници се ангажирани, дефинитивно Охрид е подготвен“, изјави Кирил Пецаков - градоначалник на општина Охрид.
Сообраќајниот метеж во централното градско подрачје оваа сезона се очекува да се намали, бидејќи се зголемува бројот на паркинзи со дополнителни стотина паркинг места.
Соња Рилковска
