ДЗР

Министерството за транспорт и врски под лупа на ДЗР

30.06.2024 12:12

Министерството за транспорт и врски под лупата на државниот ревизор. Констатирано-за идејни решенија потрошено 200 илјади евра, но не била обезбедена документација. Не се знаело ниту дали ќе се реализираат...

200.000 евра потрошени за идејни решенија, а притоа не е обезбедена документација и нема сознанија дали ќе бидат искористени за реализација на проекти. Објекти кои се доделени со Одлуки на Влада, а за кои во деловните книги не е евидентиран деловен простор и нема вредносна проценка констатира државниот ревизор. Таков е деловниот простор за Капетанија Охрид, за кој во тек е постапката за запишување на правото на сопственост, а не е обезбедена документација ниту за свлечишта.

„Во финансиските извештаи на позицијата нематеријални средства евидентирани се идејни решенија и физибилити студија за кои не е обезбедена документација. Евидентирани се градежни објекти кои се завршени во минати години, истите се користат и со години се во употреба, без да се изврши нивно примопредавање на општините. Кај пописот на нематеријалните средства и дел од материјалните средства – градежни објекти не е направено усогласување на сметководствената состојба со фактичката состојба утврдена со пописот“, стои во соопштението на ДЗР.

Министерството за транспорт и врски издвоило помалку средства за железничката инфраструктура од законското право. Владата ги субвенционирала „Железници Транспорт“ за враќање долгови кон добавувачи и плати за вработени за 2022 година, а ова акционерско друштво прикажало најголеми трошоци-се вели во ревизорскиот извештај.

„Со Одлука на Владата во август 2018 година за пренос на акции, Министерство за транспорт и врски станува сопственик на операторот на електро-преносниот систем (АД МЕПСО) како резултат на сопственичко раздвојување на операторот од Владата. Субвенционирање на јавната услуга за превоз на патници и трансфери на средства за подмирување на обврски кон добавувачи и плати за вработени за 2022 година, а ЖРСМ Транспорт АД – Скопје прикажува најголеми трошоци. Помалку издвоени средства од предвиденото законско право за железничка инфраструктура“, известуваат од ДЗР.

Сепак, според ревизорското мислење финансиските извештаи се прикажани вистинито и објективно во сите материјални аспекти заклучно со 31-ви декември 2022 година.

 

 

Александра Велинова