МНР

Реакции за пописот во Албанија

30.06.2024 12:55

Не стивнуваат реакциите по пописот во Албанија. На обвинувањата за манипулација и фалсификат на пописот, освен претставниците на македонското малцинство, се приклучија и влашкото и грчкото, како и албанската опозиција. Прашуваат од каде сега толку голем број Бугари...

Резултатите од пописот во Албанија се катастрофални за Македонците што живеат таму и претставуваат една голема лага на владата на Еди Рама, вели за Македонската телевизија претседателот на партијата на Слободата за Мала Преспа, Панди Јани. Вели, овде кај нас нема Бугари, а тоа беше докажано и со пописот од 2011 година во чии рамки потпишаните беа 100% Македонци.

Јани повикува на итна оставка на раководството на партијата Македонска алијанса бидејќи како што вели, тие се во коалиција со владата на Рама која ги поддржува Бугарите, но и од македонскиот амбасадор Данчо Марковски, кој како што вели ниту еднаш не пошол кај нив ниту се спротивставил на овој фалсификат.

И македонското Министерство за надворешни работи реагираше на резултатите од пописот кои како што велат, не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци. Најавија и средба за итни консултации со амбасадорот Марковски. Македонското Министерство за надворешни работи со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од пописот во Република Албанија во 2023-та година и остро реагира на употребата на терминот северно Македонци и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница, стои во реакцијата на МНР. По острата реакција на македонската дипломатија, Албанија ја исправи грешката со т. н Северномакедонци и го внесе правилниот термин – Македонци.

Кон обвинувањата за манипулација и фалсификат на пописот освен претставниците на македонското малцинство, се приклучија и влашкото и грчкото малцинство, како и албанската опозиција. Не ги признаваат резултатите од пописот според кој во Албанија наводно живеат 2.281 Македонец и дури 7.957 Бугари. Ова е прв пат во историјата на Албанија лица да се попишуваат како Бугари, со оглед на тоа што во рамките на сите досегашни 11 пописи во земјата, ниту еден жител не се изјаснил како Бугарин.

 

 

Марија Котовска