Прв круг парламентарни избори во Франција
Речиси 49,5 милиони Французи се повикани да гласаат денес на предвремените парламентарни избори, на кои ќе треба да изберат 577 пратеници во исто толку изборни единици. Идните пратеници ќе заседаваат во Националното собрание, долниот дом на Францускиот Парламент. Се очекува вистински цунами на крајната десница предводена од Марин Ле Пен и Џордан Бардела. Најавената силна мобилизација на гласачите, ќе биде одлучувачка велат аналитичарите...

Само 21 ден по изненадувачкото распуштање на Собранието од страна на претседателот Емануел Макром, вечерта на 9 јуни, и по молскавична кампања што следеше, Французите оваа недела се повикани на гласање за првиот круг од предвремените парламентарни избори.
Овие избори треба да доживеат нагло зголемување на учеството и секој камп се надева дека ќе профитира од мобилизацијата на гласачите. Според дневната анкета на Ifop-Fiducial за Le Figaro, LCI и Sud Radio, учеството во петокот беше проценето на 67%, или 19,5 поени повеќе отколку на парламентарните избори во 2022 година, бројот на лицата кои ќе гласаат со полномошно надминаа 2 милиони 700 илјади, односно двојно повеќе во споредба до 2022 година. Бројки коишто доволно зборуваат за интересот на Французите за денешното гласање. Гласање кое се одвива на самиот почеток на летните одмори, европското првенство во фудбал и неизбежната Тур де Франс. Односно период во кој Французите не размислуваат многу за политиката.
Стапката на учество до 12 часот изнесува 25,9%, што е многу нагло зголемување во споредба со 18,43% за време на изборите во 2022 година во исто време, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Меѓу прашањата кои се во игра на овие избори се, дали „Сојузот на десницата“ предводен од Националниот собир-Крајната десница ќе добие или не апсолутно мнозинство во француското долно собрание. За ова, таборот на Марин Ле Пен ќе треба да добие повеќе од 289 пратенички места. Сега крајната десница е кредитирано со 35-36,5 отсто од гласовите.
Дали Новиот народен фронт, левицата кредитирана со 27,5-29 отсто од гласовите ќе му се спротивстави на националистичкиот блок? Ако апсолутното мнозинство на 7 јули изгледа неверојатно за ниту еден од трите блокови, вечева по првиот круг би можела да ја видиме идната сила на опозицијата на РН. Во ова сценарио, во кое главна сила на опозиција на крајната десница ќе бидат силите на левицата, најмногу се плашат трупите на Емануел Макрон.
Какви ќе бидат упатствата за гласање на таборот на макронистите, кои губат терен. Тие би требало да освојат меѓу 20 и 21,5 отсто од гласовите, Макрон утре предвидува да ја состави владата за да се договорат околу нивното позиционирање. Односно, дали кандидатите на мнозинството во заминување, кои успеаја да се квалификуваат во вториот круг, ќе треба да се повлечат во корист на левицата за да се спречи РН да добие апсолутно мнозинство? Прашањето се поставува и кај републиканците, ослабени од сојузот со РН предводена од Ерик Чиоти и отфрлени од огромното мнозинство партиски раководители.
Со оглед на бројноста на партиите и расцепканоста на изборниот корпус, во изборниот закон постои дури и одредба – ако ниту еден од кандидатите не успее да го премине прагот од 12,5%, во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг.
Вториот круг, следната и последна фаза од овој историски политички момент, ќе се одржи на 7 јули и ќе одреди кои ќе бидат 577-те пратеници кои ќе го обликуваат новиот француски политички пејзаж. Вечерва првите резултати и проценки ќе бидат соопштени во 20 часот кога се затвораат гласачките места.
Тони Гламчевски
