Дачиќ: Синагогата во Белград можна мета на нападот
Синагогата во Белград била можна мета на нападот, извршен претрес на неколку локации, две лица се во притвор, изјави српскиот министер за внатрешни Дачиќ. Претседателот на Србија Вучиќ, вели ќе има уште апсења...

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави, дека синагогата во Белград била можна прва мета на Жујовиќ, дека и денес продолжува акцијата низ цела Србија по вчерашниот терористички акт и да е извршен претрес на неколку локации, а две лица се во притвор.
„Треба да најдеме соодветна причинско-последична врска меѓу активностите на вахабистите и конкретниот настан. Затоа е спроведена широка акција на сослушувања и притвори, а во два случаи е одредена мерка притвор. За Игор Деспотовиќ, кој беше уапсен во Белград, и Кемал Беговиќ кој беше приведен при претресот во Нови Пазар. Одземен му е елек со знаме на терористичката Исламска држава. Најдовме снимки со оружје, ножеви, секири“, изјави Ивица Дачиќ Министер за Внатрешни работи на Србија.
Дачиќ кажа дека реконструкцијата на движењето на Милош Жујовиќ, кој рани припадник на Жандармеријата во близина на израелската амбасада, покажа дека тој вчера прво дошол до синагогата во Белград и дека е можно тоа да му била прва цел, но продолжил понатаму кон израелската амбасада поради големиот број припадници на полицијата околу синагогата.
Претседателот Александар Вучиќ изјави дека ќе има уште апсења во Србија, дека сега се проверува поврзаноста на сите лица со напаѓачот на жандармот Милош Јевремовиќ и дека очекува црвеното ниво на безбедност да биде до вторник кога ќе се реши најголемиот дел од таа работа.
Оливер Бранковиќ
