Екстремната десница победи на изборите во Франција
Екстремната десница победи во првиот круг на изборите во Франција, но конечниот резултат е неизвесен...

Висока победа на крајната десница на Националниот собир со 33,15 отсто пред Новиот Народен фронт на левицата со 27,9 отсто, пред Заедно на макронистите со 20,76 отсто, класичната десница освојува 10,23 отсто од гласовите.
Со одлуката за распуштање на Националното собрание, претседателот на Републиката предизвика рушење на своето мнозинство и, на крајот, сопствено бришење во следните три години.
Така неговата коалиција Заедно може да се надева на 60-90 парламентарци, левицата на 180 до 200, додека Националниот собир на Ле Пен од 240 до 270, што не е доволно за апсолутно мнозинство.
Националниот собир слави
Се разбира во Националниот собир се славеше синоќа. Марин Ле Пен не го криеше задоволството по нејзиниот реизбор.
„Со недвосмислено гласање францускиот народ ја покажа својата желба да ја сврти страницата по седум години проѕирна и корозивна моќ“, нагласи Ле Пен.
Премиерот Габриел Атал, чија влада е свикана во текот на денот во Елисејската палата, со слична порака.
„Екстремната десница е пред портите на власта. Националното собрание никогаш не ризикувало да биде под доминација на екстремната десница. Нашата цел е јасна-да ги спречиме да имаат мнозинство во вториот круг и да управуваат со земјата со својот катастрофален проект“, рече Атал.
Но, Макронистите најавуваат дека нема отворено да повикаат да се гласа за кандидатите на левицата, како што тоа го направи левицата, туку ќе одлучуваат случај по случај.
Макрон го „уби“ мнозинството
Одлуката за распуштање на Националното собрание, всушност, стави крај на политичкиот пејзаж што произлезе од претседателските избори во 2017 година, претседателот Макрон го „уби“ мнозинството.
Покрај тешкиот изборен пораз што му беше нанесен на претседателскиот табор, дополнително засилен со високото учество (66,7%), тоа е макронизмот, во својата суштина, кој се самораспушти во неделата. Неговото првобитно ветување – дека Французите „немаат повеќе причина да гласаат за екстремите – всушност е избришано, темна дамка на неговиот рекорд. Во неделата, партијата на Марин Ле Пен и нејзините сојузници доби повеќе од 10,5 милиони гласови, речиси четири пати повеќе од нејзиниот резултат на законодавните избори во 2017-та година, кога доби само три милиони гласови.
Во кулисите продолжуваат договарањата за вториот круг кој ќе се одржи идната недела и кој може да предизвика уште подлабока криза во Франција, ако Крајната десница и покрај победата не успее да создаде Влада. Некои веќе најавуваат силни нереди помеѓу двата круга на изборите.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
